Можеби сте слушнале, а можеби и не сте слушнале (и еве прилика за да слушнете) за една многу интересна сторија, за библиската личност Исав. Оваа сторија ќе ја раскажеме со цел да се запознаеме со еден облик на размислување, а тоа е “сè или ништо“ начинот на размислување.
Луѓето кои размислуваат според начелото на сè-или-ништо сакаат да го поедноставуваат светот доведувајќи сè до крајности или апсолутни вредности како што е црно – бело, добро – лошо, или горе – долу. На психолозите тоа им е познато поларизирано или дихотомно размислување. Личностите склони кон ова исто како да тежнеат да се изразуваат со далекусежни изрази кои подразбираат целина или потполност, како на пример: ,,Сосема сум во право по тоа прашање, но таа не е”, или: ,,Проектот ми е потполно уништен поради таа грешка”.
За личноста која се бори со размислувањето според начелото сè-или-ништо, постојат само две можности: ,,величествено” и ,,ужасно”. Фатени во калапот на грубото размислување, тие самите себеси си скратуваат огромен дел од среќата не успевајќи да ја видат пространата сива област во која се одвива поголемиот дел од животот.
Еден од најлошите деловни договори од древната историја бил токму последица на искривено размислување по начелото сè-или-ништо.
Во Библијата пишува дека Исав бил голем ловец. Секоја можна цел во опсег на неговиот лак и стрела би била пресудена по кратка постапка. Меѓутоа, дури и таков ловец имал свои лоши денови.
Еден ден, кога Исав се вратил од исцрпувачкиот и неуспешен лов, сфатил дека е исклучително гладен. Можеби бил во таква мера сосредоточен на ловот на елени да заборавил да јаде неколку шумски овошја по патот. На крајот, останал сам со својот болно празен стомак.
И додека непрестајно му паѓало нивото на шеќер во крвта, Исав во своите мисли се концентрирал само на едно нешто. Сакал храна што е можно поскоро. За несреќа на Исав, најблискиот ресторан со ,,брза храна” во тие денови била ,,кујната на отворено” на неговиот брат близнак, Јаков.
За да се разбере потполно овој настан, треба да се знае дека Јаков и Исав биле близнаци ривали, дури во толкава мера што го почнале својот ривалски двобој уште во утробата на мајка си. Прашање во тој момент било кој од нив ќе излезе прв. Исав ја добил таа прва битка, но Библијата известува дека Јаков се родил држејќи го Исава за петата.39
Било исклучително важно кој од близнаците ќе излезе прв, зашто нивниот татко Исак бил многу богат човек, а првородениот син требало да го оствари своето многу ценето право на првенството. Синот со правото на првенство ќе биде следниот водич на пошироката фамилија и ќе прима двоен дел од татковото наследство, како и додатни духовни благослови.
Да се вратиме сега на настанот во кој го наоѓаме Јаков кој смислува однапред и со години планира како тоа право на првенство да го одземе од неговиот брат, и спонтаниот Исав, кој изгледа се грижел само за сегашниот момент.
Исав бил на патот на враќање дома и поминувал покрај огнот на неговиот брат, на кој Јаков само што го готвел своето јадење. Исав бил страшно гладен и збор по збор го преколнувал Јаков за храна. Јаков во тоа ја видел својата голема прилика и му понудил на Исав да му даде голема порција од готвена леќа во замена за право на првенство. Иако првенството е неспоредливо повредно од јадењето, Исав ни за момент не се двоумел. Веројатно немал сили добро да промисли, а освен тоа, во тој момент кај него преовладувало размислувањето по начелото сè-или-ништо.
,,Што ми значи тоа глупо право на првенство ако умрам?” Во состојба на искривено спознавање, Исав сите односи ги гледал само во црно-бел облик; или леќа или смрт. Иако уште неколку седмици сигурно не би умрел од глад, тој себеси се убедувал дека би умрел, и само јадењето му било важно. Во отсуство на јавниот писар, Јаков го навел Исав да ја подигне својата десна рака и да каже свечена заклетва пред да му ја предаде леќата.40 Така е завршен најпроблематичниот договор кој било кога е склучен – спогодба која изедначила еден сад со леќа со целокупниот имот на Бил Гејтс – благодарение на искривеното размислување по начелото сè-или-ништо.
Размислувањето според начелото сè-или-ништо води кон: | |
Мало самопочитување | Самоубиствени мисли |
Колебање | Обесхрабрување |
Незавршени проекти | Песимизам |
Претерување | Фрустрации |
Во овој пример, видовме дека размислувањето “сè или ништо“, не е секогаш најкорисниот начин на размислување, а во следните делови ќе видиме и примери каде што овој начин на размислување е многу корисен, и на крај ќе споделиме совети за тоа како да си помогнете доколку го имате овој проблем.
Извадок од книгата: The lost art of thinking, Neil Nedlay