Текстови

БОГОЈАВЛЕНИЕ – ВОДИЦИ

Празникот водици се слави по повод Христовото крштевање во реката Јордан, и настанот кој тогаш се случил кога се открило Светото Тројство.

Во евангелието по Матеј е забележано ова: „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него.(3.16)

Земено е нешто од Библијата и измешано со голем дел од паганската религија, па се добил овој денешен празник водици. Се фрла крст во водата кој би требало да ја освети и очисти целата вода. Некои веруваат дека на влажни места, во водите се нечистите духови а светиот крст ги очистува. На овој крст, кој се изработува во различни големини и од разни материјали му е дадена магична сила. Многумина му се поклонуваат,  го бакнуваат, го носат со себе или е закачен дома за да ги чува. Веднаш да споменеме дека крстот првобитно не бил христијански симбол. Да не го идентификуваме со Христовото распнување на крст. Крстот по своето потекло е предхристијанска култна слика, старински идол на нашите простори. Тој како култ се почитува наполно според паганските прописи – се закитува, се облекува итн. Во минатото тој бил идол со облик на крст. Ритуалот на негово капење е онака како Египќаните секој ден што ги капеле своите богови, а Грците и Германците за време на празниците посветени на тие божества. Тоа што крстот се капе во одреден празник (Водици) е доказ дека станува збор за ритуал а не за симбол, тој е домашен идол од нашата стара вера. Оние кои го фаќаат крстот очекуваат да тој им донесе среќа, здравје и радост. Воедно, водата каде тој паднал се смета за света па секој ја зема како да има некоја моќ. Крстот се фрла било каде;реки,езера,дури и во базени за капење.

Да го споменеме периодот на воведување на овие работи:

786 год. По долга борба за и против, конечно во целата Црква е воведено обожавање на крстот, иконите и реликвиите.

850 год.се воведува света вода што ја посветува свештеник.

Кога човекот се одалечува од Бог, тој се посветува на ритуали и надворешна побожност. Причината зошто крстот денес масовно се носи и се трча по него, од една страна е мода, а од друга, логиката на формализмот, верувањето дека тоа е вистинскиот знак на верата. Тој облик на религиозност апостол Павле го нарекува „на изглед побожни” но без вистинска сила.

Христовото крштевање и Неговиот крст ние го славиме, така што го прифаќаме она што Тој го сторил за нас лично, пред 2000 години.

Тоа е прашање на срцето,а не надворешна форма.