Текстови

ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН – 1,4.5

Бог “кој ќе дојде“. – Дали Бог Отецот ќе го придружува Исуса при неговото второ доаѓање? Текстот во Откровение 1,4 го опишува како Оној “кој е, кој беше и кој ќе дојде“. Како што веќе рековме, во Евангелието според Матеј 26,64 Исус му рекол на Кајафа дека Синот човечки ќе дојде седејќи “оддесно на силата“. Зборот “сила“ би можел да биде едно од Божјите имиња.

Во Откровение 6,16 непокајаните ги повикуваат карпите и камењата да паднат врз нив, да ги скријат од гневот на “Оној кој седи на престолот“ и од “гневот на Јагнето“. Поимот “Оној кој седи на престолот“ во Откровението неколку пати се употребува како ознака за Бога (Откровение 5,6-8). Според тоа, најверојатно заклучокот би бил потврден. Да, Бог Отецот ќе го придружува Бог Синот при неговото второ доаѓање (Откровение 7,15; 21,5).

“Верен сведок“. – “Јас, Јован… бев на островот Патмос, заради Божјата реч и заради Исусовото сведоштво“ (Откровение 1,9). Ние сакаме да дознаеме што имал предвид Јован кога рекол: “Божјата реч“ и “Исусовото сведоштво“. Текстот во Откровение 1,5 тврди дека Исус е “верен сведок“. Тоа значи дека ние можеме да му веруваме. Можеби не ќе можеме да му веруваме на нашиот комшија, на нашиот трговец или дури на нашиот брачен другар, но можеме да му веруваме на Исус! На судот сведоците „свведочат„ или „даваат исказ„. При судењето што претходело на неговата смрт на крст Исус му рекол на Пилат дека Тој дошол на светот да “сведочи за вистината“ (Јован 18,37). Додека поминуваме низ текстовите на Откровението, ќе видиме дека Исус дава верно сведоштво, или цврсто сведочи за вистината, (1) изнесувајќи ни ја вистината за нас и (2) за слабостите, за маните и за грубоста на човечката природа. Тој ни ја изнесува вистината и (3) за сатаната и за неговото остро противење на Бога. И најважното, Исус сведочи, изнесувајќи ја вистината (4) за себе. Книгата Откровение првенствено е откровение за Исуса Христа. Исус дал ист свој исказ или свое сведоштво пред Јован, кој го примил “обземен од духот“ (Откровение 1,10). Треба да се потсетиме дека еден од даровите на Духот е токму дарот „пророштво„ (1 Коринќаните 12,10). Тоа не води до текстот во Откровение 19,10 кој гласи: “Зашто Исусовото сведоштво е Дух на пророштвото!“ Повеќе за тоа ќе кажеме кога ќе дојдеме до текстот во Откровение 12,17! Римската империја го протерала Јован на Патмос за да го казни “заради Божјата реч и заради Исусовото сведоштво“ (Откровение 1,9). Божјата реч е Библијата или Светото писмо (Осија 1,1; Јоил 1,1; 2 Тимотеј 3,15.16). Во времето на Јован, Новиот завет уште не бил довршен и изразот “Божја реч“ претежно се однесувал на Стариот завет. Стотиците старозаветни изрази со кои се служи Јован во Откровението покажуваат колку високо тој ја ценел старозаветната Божја реч. Тој им верувал на нејзините пророштва  за Исуса и ги почитувал  нејзините заповеди против обожавањето на идоли и против другите гревови. Верен кон Стариот завет, решил да одбие да се поклони пред идолот што го носел ликот на императорот Домицијан. Според тоа, Јован навистина бил на Патмос, “заради Божјата реч“. Јован бил на Патмос и заради “Исусовото сведоштво“. Пред малку видовме дека “Исусовото сведоштво е Дух на пророштвото“. Старозаветните пророци биле инспирирани со Христовиот Дух (1 Петрово 1,10-12). И во новозаветното време многу луѓе имале дар Дух на пророштво. Матеј, Марко, Лука, Павле, Петар и сам Јован биле инспирирани од Светиот Дух да го запишат Исусовото сведоштво во вид на Евангелија, Дела на апостолите и новозаветни посланија. “Исусовото сведоштво“ помогнало да се појават мноштво книги што ја откриваат вистината за Исуса. Кога рекол дека е протеран на Патмос заради “Исусовото сведоштво“, Јован кажува дека на Патмос е заточен затоа што верувал и ја изнесувал вистината што ја ширеле за Исуса новозаветните писатели, вклучувајќи го и него.

“Првенец од мртвите“. – Во Откровение 1,5 Исус е наречен “првенец (првороден) од мртвите“. Тоа значи дека Тој бил вистинската личност која кога и да е станала од мртвите. Пред своето воскресение Исус ја подигнал ќерката на Јаир (Марко 5,21-43); синот на вдовицата од Наин (Лука 7,11-17) и Лазар од Витанија (Јован 11 глава). Меѓутоа, без неговото воскресение никој не би можел да воскресне од мртвите. Само “во Христа“ е можно некој да стане од мртвите (1 Коринќаните 15,22). Во библиските времиња првородениот син (првенецот) во семејството добивал и првенство при наследувањето на семејниот имот (1 Мојсеева 43,33; 5 Мојсеева 21,17). Предимствата што ги уживал првенецот биле толку големи што и самиот збор првенец почнувал да се употребува со значење „посебен“, „најважен“ и „единствен“. Во таа смисла, на пример, дури и посебно опасната болест во книгата за Јов 18,13 се опишува како првенец. Исус е “првенец од мртвите“ затоа што е најзначајна личност која кога и да е умрела и станала од мртвите.

“Кој не љуби“. – Колку едноставно петтиот стих му се обраќа на нашето срце! Тој “нас не љуби“! Колку е утешно што Јован, изгнаник, можел да каже такво нешто за Исуса! Колку е добро што можеме да знаеме дека тоа е вистина во сите околности! Исус ни подарил многу кога ни дозволил тоа да го знаеме (Јован 14,23). Трите златни збора: “Јас те сакам“, не се резервирани само за занесените вљубеници. Нив мораме сите да ги употребуваме! Тие се наменети за сите припадници на семејството. “Дали во последно време си го прегрнал своето дете?“ “Кој не изми од нашите гревови во својата крв“. – Љубовта не значи нешто да се зборува! Љубовта првенствено значи нешто да се прави! Исус ја платил казната за нашите гревови со тоа што го напуштил небото и дошол на оваа земја да служи, да биде опсипан со разновидни критики, да не возврати со иста мера, конечно да умре понижен и со болка на крст. “Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи сопствениот живот за своите пријатели“ (Јован 15,13). “Но Бог ја покажува својата љубов спрема нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници“ (Римјаните 5,8). “Зашто, ако бевме помирени со Бога преку смртта на неговиот Син додека бевме уште непријатели, колку повеќе сега, помирени, ќе бидеме спасени преку неговиот живот“ (Римјаните 5,10).