Текстови

Праведност преку верата – Ден 29

Поимот праведност преку верата може едноставно да се објасни, бидејќи тоа значи да се потпреме на Исус – Тој да го покаже својот победоносен живот во нашиот живот. Бог сака од Христа да очекуваме победа, а не од самите нас: „Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол” (Евреите 12,1.2).

Тоа е вистинска праведност преку верата и Божјата волја за секој христијанин. Освлад Чеберс, познат христијански писател, јасно ја наведува прекрасната вистина во својата книга My Utmost for His Highest/ Најмногу што можам да направам за највозвишениот: „’Од Него сте и вие во Христа Исуса, Кој ни стана мудрост од Бога, праведност, и осветување, и искупување’ (1. Коринќаните 1,30). Страна на животот: Тајната на посветувањето се гледа во тоа што совршените особини на Исус Христос ни се доделуваат како дар, не постепено, туку во моментот кога со вера ќе сфатам дека Тој за мене станал посветување. Посветувањето не значи ништо помалку од Исусовата светост која станува моја и се покажува во мојот живот.

Најчудесната тајна на живеењето свет живот не се состои само во имитирање на Исуса, туку и дозвола совршените Исусови особини да се покажат во нашето човечко тело. Посветувањето значи ’Христос во вас…’ (Колошаните 1,27). Всушност, неговиот прекрасен живот ни се доделува нам во форма на посветување – ни се доделува преку верата како највозвишен дар од Божјата благодат. Дали имаме желба Бог да го направи посветувањето исто толку реално и прекрасно какво што е во Неговото Слово?

Посветувањето значи да ни се доделат светите Христови особини. А тоа е дар на неговото трпение, љубов, светост, вера, чистота и побожност која се покажува во секоја посветена душа и зрачи од неа. Посветувањето не значи да добиеме сила од Исус за да бидеме свети – тоа значи од Исус да ја добиеме самата светост која зрачи од Него и која Тој сега ја покажува преку нас. Посветувањето значи доделување на нешто, но никако имитирање. Имитацијата е нешто сосема друго. Совршенството се наоѓа во Исуса Христа, а тајната на посветувањето подразбира дека на располагање ни се ставени сите совршени особини на Исус. Според тоа, постепено но сигурно, почнуваме да живееме
живот на ред, полнота и светост, со ’…Божјата сила’” (1. Петрово 1,5).

Дали ја забележувате убавината на оваа вистина? Нашиот дел е да гледаме на Христос со доверба и вера, држејќи се за Божјото ветување дека во нас ќе го објави Христа и неговата праведност. Наша единствена улога е да дозволиме тоа да се случи и да веруваме дека ќе се случи. Кога ќе наидат неправедни желби и искушенија, не треба да се бориме против нив. Треба да се обратиме кон Христа кој живее во нас и да Го замолиме да ја покаже неговата праведност (Евреите 12,1.2).

Потоа треба со вера да чекаме убедени дека Тој тоа и ќе го стори. Кога Христос во потполност ќе му се објави на својот народ, тогаш Земјата ќе биде просветлена со Неговата слава, односно карактер: „Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава” (Откровение 18,1). Тогаш Неговиот народ ќе биде како Исус: „Возљубени, сега сме Божји деца, и уште не се откри што ќе бидеме; но знаеме: кога ќе се открие ќе му бидеме слични, зашто ќе го гледаме Онаков каков што е” (1. Јованово 3,2).
А кога Тој ќе се врати, тие ќе бидат во состојба да опстанат во Неговото присуство и неговата слава, и нема да бидат уништени. Тоа е ветување што им го дава Бог на своите деца, и тоа ќе биде исполнето ако научиме да гледаме на Исуса со вера и да го очекуваме Тој величествено да се покаже во нас: „А на Оној, Кој може да ве запази од сопнување и да ве постави непорочни во радосно воскликнување пред Својата слава” (Јуда 24).