Текстови

Молитва во Духот – Ден 12

Секој христијанин се наоѓа во борба со непријателот, која има вечни последици. Таа борба е исто толку стварна како и останатите битки помеѓу народите на оваа Земја. Битката се одвива помеѓу Божјето царство и царството на темнината. Павле ја опишува таа борба како борење, кое е мошне лично, зашто противниците се сосем близу еден до друг.

„Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите” (Ефесјаните 6,12). Потоа Павле го опишува Божјиот оклоп кој христијанинот мора да го стави на себе за да победи. Павле го заклучува тој опис со борење и со нашиот молитвен став во однос на непријателот, со следните зборови: „Со секаква молитва и молба во секоја пригода молете се во Духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрајност и молитва за сите светии” (18. стих).

Забележете дека Павле наложува да се молиме „постојано”. Мора да станеме посредници во молитвата, молејќи се сесрдно и упорно. Потоа тој додава, „во Духот”. Доколку сакаме да го победиме непријателот, молитвата во Духот е исто толку значајна како и прифаќањето и наоружувањето со сето Божје оружје. Според тоа, суштинското прашање гласи: што значи да се молиме во Духот? Би можеле да дадеме кратка дефиниција дека ние се молиме во Духот кога нашите молитви се поттикнати од Светиот Дух. Духот треба да нè упати кога и зошто треба да се молиме. Светиот Дух треба да нè води во секое дело на нашиот молитвен живот. Кога се молиме во Духот, нашите молитви ќе бидат зајакнати, делотворни и ќе донесат извонредни резултати. Затоа мора да бидеме крстени со Духот за да можеме да се молиме во Духот. Елена Вајт вака опишува што значи да се молиме во Духот:

„Секоја искрена молитва Духот ја обликува и Бог ја прима таквата молитва” (Копнежот на вековите, стр. 162). Повикувајќи се на Павловата изјава во Римјаните 8,26 и 27, таа пишува: „Не само што уживаме предност да се молиме во Христово име, туку треба да бидеме инспирирани со Светиот Дух. Тоа објаснува што мислел Павле кога напишал дека Светиот Дух ’посредува за нас со неискажливи воздишки’ (Римјаните 8,26). Бог ужива да одговара на такви молитви” (Христовите параболи, стр. 111). Светиот Дух нè повикува на молитва. Тој ќе ни укаже на некоја голема потреба за која треба да се молиме, зашто Бог сака да започне да дејствува за да ја задоволи таа потреба. За такво едно искуство, читаме во случајот кога Исус се молел за Петар: „И рече Господ: ‘Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!’” (Лука 22,31.32).

Светиот Дух го поттикнал Христа да се моли за Петар – па дури му го открил и сатанскиот план за Петар. Кога дознал за тоа, Исус почнал да се моли за Петар. Светиот Дух ќе го стори истото тоа и за нас; ќе нè потсетува на некого за кого треба да се молиме. Тој може да ни открие, а можеби и нема да ни открие, зашто сака да се молиме за нив. Важно е да одговориме на повикот на Духот да се молиме.