Текстови

Малите групи и растот на Црквата – Ден 40

Заедницата на верниците има важна улога во нивното духовно, емоционално, па дури и физичко обновување кое според Божја волја секој од нас треба да ја доживее. Растот би требало да биде, и мора да биде, цел на секоја мала група на христијани. Доколку групата не расте, тогаш не дејствува во согласност со Божјата намера. Имајте на ум дека крштавањето со Светиот Дух е предвидено како за личен духовен развој така и за ширење на Евангелието. „Но ќе примите сила кога врз вас ќе слезе Светиот Дух, и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата” (Дела на апостолите 1,8). Затоа би требало да бидат присутни и неверници и поединци кои не се припадници на црквата.

Од суштинско значење за нашиот личен духовен развој е да се вклучиме во работата чии резултати се гледаат во носењето души кај Христа. Мораме лично да внимаваме на Божјата заповед да се шириме (1. Мојсеева 1,28). Бог можел да употреби ангели во работата за душите, меѓутоа, Тој не го сторил тоа. Зошто? Тој знае колку е важно секој од нас да биде лично вклучен во објавувањето на Христа на другите. Елена Вајт додава важна изјава во тој поглед: „Ако појдете да работите онака како што Христос им кажал на своите ученици, ако задобивате души за Него, ќе почувствувате потреба од подлабоко духовно искуство, потреба од поголемо духовно знаење и ќе бидете гладни и жедни за праведност. Вие во молитва ќе се борите со Бога, вашата вера ќе се засили и вие сè пообемно ќе пиете од изворот на спасението. Противењето и неволјите на кои ќе наидувате ќе ве гонат кон Библијата и кон молитва. Вие ќе растете во милоста и во познавањето на Христа и ќе стекнувате богато искуство” (Патот кон Христа, стр. 78).

Поддршката која што ја дава малата група верници, ќе одигра значајна улога во нашите напори да допреме до другите луѓе. Членовите на групата ќе се соединат во молитва за оние до кои треба да се допре. Од голема полза ќе биде советот даден од личноста која има поголемо искуство во работата за душите. Бог ќе ги употреби духовните татковци и мајки кои дејствуваат во групата за да им помогнат на оние со помалку искуства со цел да доведат други кај Христа.

Малата група ќе им обезбеди исклучителна средина на оние што го бараат Христа, бидејќи ќе наидат на мили, грижливи поединци кои ги прифатиле такви какви што се. Човекот што го бара Бога ќе се најде во таква средина во која Светиот Дух ќе може да дејствува многу силно на неговото обратување кон Христа. Во книгата Делата на апостолите читаме дека Црквата растела затоа што христијаните во првите векови продолжиле да го негуваат своето заедништво: „И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце. Фалејќи го Бога беа омилени кај сите луѓе . А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаат да се спасат” (Дела на апостолите 2,46.47).

Бог ќе им служи и на присутните верници и неверници во малата група. Тој ќе го направи тоа со посредување преку плодовите и даровите на Духот. Средината на малите групи потполно ја менуваат традиционалната и безлична динамика на евангелизација во животот на поединците, а ќе дојдат на евангелски состанок како одговор на упатениот повик. Суштината на малите групи се блиски заемни односи. Кога неверникот ќе го доживее христијанството и новите библиски вистини во такво заедништво, тој тоа го прави во контекст на блиски заемни односи со некој од членовите на групата. Тој е поставен во спасоносна средина која го погодува неговиот личен духовен раст.