Текстови

Крштевање со Духот по денот Педесетница – Ден 2

Исус ветил дека своите следбеници ќе ги крсти со Светиот Дух, зашто само така ќе станaт ополномоштени за да му ја однесат веста на Евенгелието на овој свет: „Еднаш кога ги собра, Тој им заповеда: ‘Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене: Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух.’ А тие, кои беа собрани, Го прашаа велејќи: ‘Во ова време ли Ти ќе го востановиш, Господи, царството Израилево?’ И Тој им одговори: ‘Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Отецот ги поставил во Своја власт, но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата’” (Дела на апостолите 1,4-8). Тоа ветување се исполнило на денот Педесетница:

„Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат” (Дела на апостолите 2,1-4). Крштавањето со Светиот Дух не било предвидено само за учениците на денот Педесетница; тоа искуство од тогаш било и е наменето за сите христијани.

Не биле присутни сите ученици на денот Педесетница. Би можело да се постави едно практично прашање: Како христијаните го примале крштавањето со Духот по денот Педесетница? Одговорот се наоѓа во книгата Дела на апостолите. Барем во два случаја Духот се спуштил врз група, додека Петар им зборувал: „Додека Петар уште ги зборуваше тие зборови, Духот Свети слезе над сите што го слушаа словото. А обрезаните верници, што беа дојдени заедно со Петар, се изненадија што дарот на Светиот Дух се излеа и над незнабошците, зашто ги слушаа како зборуваат на разни јазици и Го возвеличуваат Бога. Тогаш Петар рече: ‘Може ли некој да ја забрани водата за да не бидат крстени оние кои Го примија Духот Свети како и ние?’’ (Дела на апостолите 11,15-17).

Бог ја водел Црквата за таа да биде крстена со Духот и на еден помирен начин, со положување раце. За самарјанските верници, коишто биле крстени со Духот, читаме: „Но кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за царството Божјо и за името на Исус Христос, почнаа да се крштаваат мажи и жени. Тогаш поверува и самиот Симон, и откако се крсти, постојано го придружуваше Филип; и, гледајќи дела големи и чудеса што се вршеа, се восхитуваше. Кога слушнаа апостолите што беа во Ерусалим дека Самарија го примила словото Божјо, ги пратија кај нив Петар и Јован. Тие, штом слегоа, се помолија за нив за да го примат Духот Свети. Зашто сè уште не беше слегол ниту на еден од нив, а само беа крстени во името на Господа Исуса. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух“ (Дела на апостолите 8,12-17).

Забележете дека според Дела на апостолите 8. глава, поединци од Самарија биле водени од Духот да го прифатат Христа и биле крстени со вода. Сепак, тие не биле крстени со Духот во мигот на крштавањето со вода. Петар и Јован дошле кај нив од Ерусалим со посебна причина – да ги положат рацете врз нив и да се молат за нивно крштавање со Духот. Тоа јасно покажува дека крштавањето со вода и крштавањето со Духот се две одвоени искуства. Духот го води човекот да го прифати Христа и да биде крстен со вода. Ова е поинаква работа на Духот во однос на крштавањето со Духот, кое мора посебно да се бара кога човекот ќе стане свесен за тоа чудесно искуство.

Во Дела на апостолите гледаме дека Савле, кој подоцна станал апостол Павле, исто така бил крстен со Светиот Дух преку молитва и со положување на раце: „А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети. И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога стана, се крсти” (Дела на апостолите 9,17.18). Во случајот на Савле, крштавањето со Светиот Дух следело набрзо по неговото обратување на патот за Дамаск, но пред да биде крстен во вода.

Сличен пример на молитва и положување раце наоѓаме при средбата на Павле со учениците во Ефес: „А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде кај првосвештеникот и побара од него писма за синагогите во Дамаск, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим. Но, додека по патот наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш?’ А тој одговори: ‘Кој си Ти, Господине?’ А Господ му рече: ‘Јас сум Исус, Кого Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило.’ Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: ‘Господи, што сакаш да направам?’ А Господ му рече: ‘Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!’“ (Дела на апостолите 19,1-6).

Човекот што изговарал таква молитва и го објавувал ракоположувањето требало да биде верник и самиот крстен со Духот. Исто така, треба да се нагласи дека положувањето раце не е неопходно за крштавање со Духот. Чудесно е искуството да бараме да се исполниме со Духот на таков начин; меѓутоа, тоа не е неопходно. Крштавањето со Духот е барање со вера Бог да го исполни своето ветување за Светиот Дух: „Така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата” (Галатите 3,14).

Елена Вајт сфатила дека христијаните не стануваат автоматски крстени со Светиот Дух за време на обратувањето или кога се крштаваат во вода. За нашата голема потреба да бидеме исполнети со Духот за да можеме поделотворно да им сведочиме на другите, таа вака пишува: „Она што ни е потребно е крштавање со Светиот Дух. Без тоа, нема да бидеме способни да тргнеме во светот, баш како што ни учениците не биле по воскресението на својот Господ” (Review and Herald, 18. февруари 1890).

За нашиот личен духовен раст и за исполнетоста со Духот, таа запишала: „Секому треба највпечатливо да му се укаже на потребата од крштавање со Светиот Дух, потреба од посветеност на верниците на Црквата, за сите да бидат живи, плодоносни стебла во Господовата градина” (Testemonies for the Curch, кн. 6, стр. 86).
Кога христијаните според некој обичај би биле крстени со Светиот Дух, Елена Вајт не би потсетувала дека треба да го примат. Кога ги читамe нејзините изјави, јасно е дека таа го сфаќа неговото значење и го поттикнува секој верник да ја бара полнината на Духот во својот живот.