Текстови

Црквата – Ден 36

Грчкиот збор кој во Новиот завет се употребува за поимот црква е еkklesia, што значи повикани. Кога луѓето одговараат на укажувањето на Светиот Дух да го прифатат Христос за свој Спасител, тие стануваат дел од еkklesia, дел од повиканите. Кога го проучуваме Новиот завет, откриваме дека постојат два многу значајни аспекти на Црквата. Оние кои се повикани, повикани се да веруваат во учењето на Библијата. Павле ја опишува црквата со следниве зборови: „Но во случај да се подзабавам, да знаеш како да се однесуваш во Божјиот Дом, кој е црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината” (1. Тимотеј 3,15).

Павле Црквата ја нарекува „столб и потпора на вистината”. Оние кои се повикани треба да веруваат, да живеат според Божјата волја и да ја проповедаат вистината на Божјите зборови. Постои уште еден важен вид на Црква откриен во Првото Јованово послание: „Она, што го видовме и чувме, тоа ви го навестуваме и вам, за да имате и вие заедништво со нас. А нашето заедништво е со Таткото и со Неговиот Син Исус Христос“ (1. Јованово 1,3). Втор животно важен аспект на Црквата е она што во Новиот завет се нарекува „заедништво”. Во онаа наједноставна смисла, заедништвото не е нов концепт.

Всушност, во некоја смисла остваруваме заедништво кога се молиме на Бога во црквата во сабота или кога присуствуваме заедно на некој црковен друштвен состанок. Меѓутоа, новозаветниот концепт на заедништвото е многу поширок отколку што тоа повеќето христијани го сфаќаат. Грчкиот збор преведен како заедништво е koinonia. Именскиот облик на овој термин значи учествување, активна вклученост. Глаголскиот облик значи да се комуницира, да се раздели, додели. Оттаму, „koinonia“, заедно, „значи многу повеќе отколку едноставно да се седи заедно во црква на саботното богослужение или заедно да се играат игри на некој друштвен состанок. Новозаветното значење на заедништвото е многу подлабоко. Во суштина, тоа значи да служиме еден на друг.

Тоа не значи само да ги знаеме имињата еден на друг, да знаеме каде секој од нас живее и топло да се поздравуваме во црква во сабота наутро. Тоа значи заеднички да се делaт надежта, соништата, борбите и болките. Тоа значи да му дозволиме на Бога да нè употреби во службата еден за друг. Според Новиот завет, црковната заедница е збир на поединци, повикани од светот од страна на Бога да станат заедница со заедничките библиски верувања, кои активно комуницираат, разделуваат, доделуваат и служат еден на друг.

Ако христијаните немаат таков вид на меѓусебни односи еден со друг, тие наголемо го изневеруваат Божјиот план за Неговата црква. Ние можеби ја празнуваме саботата и одиме во црква, но ако не сме во вистинска koinonia на христијанското заедништво, ние всушност не ја доживуваме Божјата дефиниција на Црквата во онаа највозвишена смисла.