Текстови

ЗДРАВЈЕ НА ДВЕ ТРКАЛА

Слобода, природа, дрвја, земја, вода, уживање, адреналин. Вака вљубениците во велосипедизмот ги опишуваат своите авантури на две тркала. Искачувањето по стрмнини, вртоглавото спуштање низ тесните шумски патчиња, ударите на ветрот в лице се мевлем за духот и за телото. Независно дали ќе ја изберете блиската шумичка, планината или урбаната џунгла, чувството на слобода и борбата со себе секогаш се присутни. За велосипедизмот важи: штом еднаш се качиш, никогаш нема да сакаш да престанеш. Се учи еднаш и никогаш не се заборава. Заедничко за трчањето, пливањето и за велосипедизмот е силата на гравитацијата. Најголема е кај трчањето, а најмала е при пливањето. Возењето велосипед е на средина. Тоа е спорт во кој истовремено се комбинираат задоволството и рекреацијата.

Се препорачува за оние луѓе што имаат проблеми со телесната тежина. Со велосипедот најлесно и најбрзо можат да се постигнат резултати, за разлика од трчањето каде што има голема оптовареност на мускулите и на зглобовите. Со негово возење најдобро се оформуваат задникот и мускулите на нозете. Возењето велосипед благотворно влијае врз работата на срцето, крвотокот, врз дишењето и нервниот систем. Велосипедот е идеален за луѓе што имаат проблеми со грбот, што имале повреди на колената и на зглобовите. Особено им се препорачува на луѓе чија работа е врзана со седење. Не се препорачува за луѓе што немаат добра координација и имаат проблеми со моториката, срцеви болни, што имаат проблеми со одржувањето рамнотежа, со висок крвен притисок, луѓе што неодамна имале срцев или мозочен удар, што имаат голем диоптер или што имаат оштетен слух. Една од најголемите грешки на почетниците е што веднаш штом купат велосипед возат предолги релации. Најдобро е да се почне постепено и да не се форсира. Почетниците треба да почнат со 30 до 45 мин. возење, три пати неделно. Потоа времето треба да се зголемува постепено. Некои денови користете ги за зголемување на брзината и дистанцата, а потоа извозете “полежерни“ денови. Комбинацијата на различни возења ќе ви ја зголеми силата, ќе ви помогне да изградите мускули и да изгубите неколку килограми. Една од најголемите грешки што почетниците ја прават е штом добијат воспаление на мускули, наредниот ден “апстинираат“ од возење.-Погрешно. Болката ќе биде помала ако се продолжи со тренингот. Но, возењето треба да биде “поблаго“ и да се избере пократка патека. За време на возењето задолжително е внесување течности и храна. На долги релации, на секои 10 до 15 мин. треба да се пијат неколку голтки вода, за да се избегне дехидрација. Сува уста, вртоглавица, лесна главоболка, болка во мускулите, зголемена телесна температура се симптоми на дехидрација. Треба да се јаде суво овошје кое содржи повеќе шеќер. Се препорачува и храна богата со фруктоза, јаглеродни хидрати и со протеини.