Текстови

ВО ЛЕТО КОНТРОЛИРАНО СЛАБЕЈТЕ

Со доаѓањето на сезоната за капење и за сончање одеднаш стануваме свесни за својот изглед и за телесната кондиција. Неминовно се наметнува прашањето кое често се слуша: ,,Како сега бргу да ги изгубите насобраните килограми кои се наталожиле во текот на зимата?“ Тогаш се јавува опасност дека со неприспособени и несоодветни методи на слабеење сериозно ќе го влошите здравјето. Пред се, е важно да не наседнувате на разните шарлатански рецепти и економско – пропагандни програми кои ви гарантираат брзо и ефективно слабеење. Тоа се често опасни диети кои од исхраната ги исклучуваат некои од најважните нутритивни компоненти.

ПРАВИЛЕН РАСПОРЕД

Најдобра е она диета која ќе осигура внесување на сите нутритивни компоненти во соодветни размери, но со намален број вкупни калории. Организмот мора да го добие и потребното количество витамини, минерали и вода. Исто така, пожелно е во програмата на нејадење да вметнете и телесната активност – умерена потрошувачка на енергија. Може да станува збор и само за брзо одење.

ДЕБЕЛИ И „ДЕБЕЛИ“

Дебелината е вишок исклучително на масно ткиво. За некоја личност да се прогласи дебела потребно е масно ткиво да е 20 отсто поголемо во однос на оптималното количество. Честопати тие личности мора да побараат помош од лекар бидејќи нивниот телесен статус на дебели луѓе може освен естетски тешкотии да им услови и разни физиолошки пречки.

Други луѓе кои ја опфаќаат најголемата група на оние што баш и не се сосема задоволни со својата линија се оние што имаат само неколку прекумерни килограми и никако не смее да се нарекуваат дебели. За тие луѓе најдобро е да се препорача исхрана богата со свежо овошје и зеленчук со вообичаени секојдневни оброци, кои мора количествено да се намалат за 20-30отсто.

ОСНОВНИ ПРАВИЛА

За трајно да се ослободите од вишокот перничиња масно ткиво потребно е да се следат некои правила:

* Заменете ги рафинираните житни зрна со интегрални;

* Избегнувајте слатки и чоколади;

*Трипати неделно јадете мешунки(соја, грашок, леќа, млад грав);

* Пијте најмалку шестпати дневно течност во облик на вода, сок, минерална вода, растителни чајеви, вкупно еден-два литра дневно;

* Јадете три – четири различни видови зеленчук дневно (брокула, кељ, салата, цикорија, спанаќ, магданос);

*Јадете најмалку две овошја дневно (јаболката, на пример, имаат во себе пектин, кој успешно го остранува чуството на глад), а самото јаболко (излупено или со кора) е ефикасно во борбата со холестеролот;

* Користете риба најмалку двапати неделно;

* Избегнувајте газирани пијалаци;

* Задолжително поделете ја храната на повеќе помали дневни оброци (најдобро пет).