Текстови

Кога да (не) му кажете НЕ на вашето дете?

За разлика од возрасните, кои веќе знаат како да направат многу нешта и како функционираат многу нешта, малите деца имаат еден цел нов свет за истражување и тој процес често пати е проследен со многу “НЕ“ од страна на родителите.

Има ситуации во кои јасно треба да им се каже “не“ на децата, но факт е дека некогаш претеруваме со употреба на овој збор и го употребуваме и тогаш кога не е неопходно.

Препорачливо е да кажете НЕ во следните ситуации:

Ако детето повредува друга личност 

Ако гледате дека детето има намера да повреди (физички или на друг начин), некоја друга личност секако дека ќе го опоменете дека не смее да го прави тоа.

Ако детето е во опасност да се повреди себе си

Ако детето сака да претрча преку улица, на црвено светло и постои можност да се повреди себе си, секако дека ќе го опоменете да не трча преку улица.

Ако детето бара нешто што не е потреба туку е желба

Премногу ограничувања не се во ред, но и исполнување на секоја желба на детето исто така не е во ред. Не можете да му ја купите баш секоја играчка на детето, што тоа ќе ја побара од вас, но и никогаш да не му дозволувате ништо на детето, за да го научите дека не може да добива баш сè во животот, исто така не е во ред. Сепак, кога сметате дека барањето на детето навистина не е релевантна потреба, во ред е да се каже “не“. Децата треба да се научат на трпение, и на тоа дека нивните желби нема баш секогаш да бидат инстантно задоволени (исто како и желбите на другите членови од семејството), но во некои случаи дефинитивно е во ред да се каже и “да“. Сепак внимавајте да не го збуните детето и имајте некои правила во поглед на тоа на што може да се каже “да“, а што секогаш е “не“.

Ако детето е способно нешто да направи само, а упорно бара од вас да го направите тоа наместо него

Ако детето е способно самото да си ги расчисти играчките, а секогаш бара од вас да го направите тоа, најдете начин на кој што ќе кажете позитивно “не“ и ќе стигнете до моментот кога детето ќе почне да ја прави оваа активност самостојно, или на почеток барем ќе учествува во активноста заедно со вас.

Ако ненајдено се променат правилата

Вие сте се договориле дека ќе правите нешто со детето, но ненајдејно ви се најавуваат гости. Секако дека вашиот план за реализирање на активноста со детето ќе пропадне, така што ќе морате да кажете “не“ кога детето ќе побара да го реализирате ветувањето. Но, за ова да не биде најнегативното “не“, можете да направите план за реализирање на ветувањето, во друго време. Децата ќе се научат на трпеливост, ќе се научат дека не секогаш има можност за инстантно исполнување на нивните желби или на ветувањата кон нив, но ќе научат и дека се почитувани и дека плановите со нив, не се неважни.

Ако тоа што детето го бара е против вашите убедувања

Во околината, детето гледа како останатите деца поминуваат голем дел од времето играјќи видео игри, и вас ве моли да му купите телефон за да може да игра игри. Ако тоа е против вашите убедувања, и вашиот став е дека дете на таа возраст не треба да има сопствен телефон, и не треба да поминува голем дел од своето време во видео игри, објаснете добро зошто нема да му купите телефон на вашето дете и кажете “не“.

Освен ситуации во кои навистина употребата на “не“ е соодветна, има и многу прилики каде што употребата на “не“ не е неопходна

Малите деца се истражувачи, се качуваат, трчаат, фаќаат сè што ќе стигнат, бидејќи го истражуваат светот. 

Ако во секоја ситуација каде што има ризик од минимални повреди или од минимална штета, велите “не“, (на пример – не трчај по тревата може да паднеш, немој да јадеш сам ќе се извалкаш), вие не му дозволувате на детето да ги развие сите свои способности, и го учите дека неговото расудување секогаш е погрешно (на пример детето проценило дека е способно да си стави вода од шишето во чашата, а вие хистерично му викате никако да не го прави тоа бидејќи ќе следува “мини поплава“). 

Реалноста е дека да, неколку пати можеби ќе има вода и на други места освен во чашата, но по неколку обиди детето ќе се искоординира и ќе научи како да го прави тоа, бидејќи на крајот на краиштата никој “не се родил научен“. 

Добро е да размислите за тоа дали претерувате со употреба на “не“, дури и кога тоа не е неопходно, или пак претерувате со допуштање на работи кои не се дозволиви. Обидете се да кажувате “не“ секогаш кога тоа е навистина потребно, и не кажувајте “не“ на сите природни обиди на вашето мало дете да го запознае светот и да научи до каде се неговите способности, а и да ги усоврши истите.