Библијата многу прецизно ги опишува луѓето и настаните, а бидејќи „целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност“ и бидејќи „никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух“ (2. Tимотеј 3,16; 1. Петр. 1,21.), верувам дека секој детал во Светото писмо има големо значење и може да ни даде важна духовна поука.
Читајќи ја Бибијата, забележав дека библиските писатели- „научени од Светиот Дух“ – сметале дека било важно да споменат две личности кои се качиле на дрво. Кои се тие личности и поради што е важен тој факт? „И кога влезе во Ерихон, минуваше низ градот. И ете, некој човек, по име Захеј, кој беше началник на цариниците и богат, сакаше да го види Исуса, кој е, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст. И истрча напред, се качи на дива смоква за да го види, зашто требаше да мине покрај неа. И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре и му рече: ’Захеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!’ И слезе веднаш и го прими на гости со радост“ (Лука 19, 1-6.).
Како што на Евреите им се чинело дека озлогласениот царински старешина не го интересира ништо друго освен златниците и нечесното богатење, така ни ние денес можеби не гледаме дека под нечија појава на световност и лошотија се крие срце кои е приемливо за божественото влијание. Сметајќи го некого премногу ’световен’ за да му раскажуваме за Бога, сомневајќи се во искреноста на побудите и позитивните постапки на оној кој сака да се врати од лошиот пат, ниту ние, ниту пак личноста за која зборуваме, не дозволуваме да се открие Исус.
Силната желба на Захеј и неполебливоста претставуваат поука за сите нас. Исус сe уште посредува за нас, сe уште минува низ нашиот Ерихон, а ние треба да направиме сe од своја страна за да го здогледаме лицето на Оној кој ни дава една нова надеж; ние треба да „потрчаме напред“ и да се „качиме на дивата смоква“ и да им дозволиме на другите да се пробијат до Исус. А која е таа друга библиска личност? Тоа е нашиот мил Спасител. Исус рекол: „И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,… И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе“ (Joван 3, 14; 12, 32. 33.).
Кога дошол под дрвото на кое бил Захеј, Исус погледнал горе и му рекол да се симне. Меѓутоа, овој пат Исус бил горе, но не на разгранетото дрво чија крошна го штитела од силното сонце, туку на груб, рапав крст од кој не сакал да се симне. Захеј бргу се симнал од дрвото и во својот дом подготвил гозба за Исуса. Исус, прикован за своето „дрво“, со часови умирал во најтешки душевни и физички маки за да можел да нe повика на вечера на свадбата на Јагнето.
Секој од нас нека се качи на своето дрво секој од нас нека направи сe што треба да направи за да го видиме Исус на Неговото дрво. Вашиот поглед секогаш нека биде насочен кон Крстот и ќе видиме дали Исус оттаму ни упатува поглед полн со љубов, сочувство и проштавање.