Текстови

Краток водич за здрав имун систем (дел 1)

Што е тоа имун систем?

Имуниот систем е комплексна мрежа од клетки, ткива и органи, која ви помага да се обраните од разни инфекции и од други болести. 

Имуниот систем е составен од повеќе делови: кожата која спречува разни микроорганизми да навлезат во телото; мукозни мембрани кои создаваат мукус и разни супстанци кои може да ги заробат микроорганизмите и да се борат против нив; белите крвни клетки; лимфниот систем (тимус, слезина, крајници, лимфни јазли, лимфни садови и коскена срцевина).

Како функционира нашиот имун систем?

Вашиот имун систем го брани вашето тело од супстанци кои тој ги гледа како штетни и страни. Овие супстанци се нарекуваат антигени. Тоа може да бидат бактерии и вируси може да бидат и хемикалии и токсини, а исто така може да бидат и оштетени сопствени клетки како канцерогени клетки или клетки од изгореници. 

Кога имуниот систем ќе препознае антиген, тој го напаѓа. Ова се нарекува имун одговор. Дел од овој одговор е производството на антитела. Антителата се протеини чија работа е да го нападнат, да го ослабнат и да го уништат антигенот. 

Вашето тело исто така синтетизира и други клетки кои се борат против антигенот. На крај вашиот имун систем го памти антигенот и ако се соочи со истиот антиген повторно, тој може да го препознае. Тогаш брзо ќе ги испрати соодветните антитела, па во повеќето случаи нема воопшто да се разболите. Оваа заштита против некои болести се нарекува имунитет.

Што можеме ние да направиме за да му овозможиме оптимални услови за работа на нашиот имун систем?

Хигиената е половина здравје, што значи дека добри хигиенски навики се навистина потребни со цел да не се инфицираме баш со секој микроорганизам со кој ќе дојдеме во контакт. 

Но, да напоменеме дека обидот за живеење во стерилен свет и прекумерното миење и дезинфекција на раце исто така си има докажани негативни последици, особено кај малите деца чиј имун систем сè уште не е развиен и кои сè уште се немаат сретнато со доволно микроорганизми кои би им помогнале да изградат здрав имун систем. 

Секако дека не ви препорачуваме ниту на вас ниту на вашите деца свесно да се движите помеѓу луѓе кои имаат сериозни вирусни, бактериски или други инфекции, за да изградите добар имун систем, но ви велам дека дефинитивно не треба да претерувате со обидите вашите деца и самите вие да живеете во стерилен свет, бидејќи едноставно нашето тело не е креирано за да живее таков живот. 

Не се инфицирајте свесно со опасни микроорганизми, но не се обидувајте целиот живот да го поминете без ниту една настинка, грип или друг често присутен вирус.

Освен хигиената, другите најважни работи кои можете да ги преземете за да му овозможите оптимални услови за работа на вашиот имун систем се: здрава храна, доволно сон и соодветен сон, добро ментално и духовно здравје, доверба во Бога, мир, добро орално здравје (здравјето на забите), соодветен одмор, соодветна физичка активност, доволно вода, доволно време поминато на чист воздух и сонце, обид за живот во што поздрава средина.

Природни имуностимулатори?

Постојат многу нешта кои се познати како природни имуностимулатори, некои од нив имаат научно докажани позитивни придобивки, а некои сè уште не се истражени доволно. 

Бидејќи често се користи зборот имуностимулатор, сакаме да кажаме дека најважната работа не е стимулирањето или поттикнувањето на имуниот систем, туку најважната работа е да се овозможат соодветни услови за работа на имуниот систем и за креирање на здрав имун систем. 

Инаку сите знаеме дека постојат и автоимуни болести каде имуниот систем е и повеќе од стимулиран но за жал наместо да се бори против страни и штетни антигени тој се бори против сопственото тело.

Затоа не треба да се оптеретуваме со терминот имуностимулатор, бидејќи вас всушност ви треба само здрав и нормален имун систем, стимулиран имун систем не значи секогаш и здрав имун систем, и затоа прво треба да градите здрав имун систем, а потоа да го “стимулирате“ тој здрав имун систем.

Некои од нештата кои може да ги наведеме како природни производи кои позитивно влијаат на работата на имуниот систем се: пчелини производи (мед, матичен млеч, прополис, перга итн), црвени овошја, сируп од бозел, ѓумбир, цимет, куркума, кефир, цитрусни овошја богати со витамин Ц, лук, кромид, некои билки.